Турција треба да почне да собира туристичка такса од 1 јануари 2023 година. Станува збор за одлука која требаше да стапи во сила на 1 април 2020 година, но беше продолжена поради пандемијата.
Како што е објавено во Службен весник на Турција, стапката на данок за престој е одредена на два отсто.
„Предмет на такса за престој е услугата на ноќевања во сместувачки капацитети како хотели, мотели, туристички одморалишта, куќи за гости, кампови, планински куќи. При примена на данокот за престој нема да се води сметка за државјанството или живеалиштето на корисникот на услугата“, се наведува во соопштението.
Како што е најавено, од плаќање такса ќе бидат ослободени студентите кои живеат во хостели, пансиони и кампови, како и претставници на дипломатски претставништва акредитирани во Турција и меѓународни организации со дипломатски статус.
Турските власти нагласија дека очекуваат до 60 милиони туристи да дојдат во Турција во 2023 година.