Утре ќе биде организирана голема крводарителска акција посветена на Тоше Проески за одбележување на неговиот роденден

ИЗВОРскопје24
|

Утре на 25.01.2020 година, по шестнаесети пат ќе биде организирана голема крводарителска акција која е посветена на нашиот голем хуманист Тоше Проески. Традиционалната акција е во знак на одбележување на неговиот роденден.

Организатори на крводарителската акција се Црвениот крст на град Скопје, Општинската организација на Црвен крст Гази Баба , Институтот за Трансфузиона медицина и Тоше фан форум клубот. Исто така поддршка кон акцијата ќе дадат и волонтерите од Клуб 25- клуб на млади крводарители, мотиватори како и волонтерите од Клуб на млади на Црвен крст Гази Баба.

Акцијата е планирана да се реализира на 25 јануари (сабота) во холот на Дом на АРМ во периодот од 09:00-17:00 часот.

Ликот и хуманото дело на Тоше Проески се позитивен пример и поттик за многу млади личности кои токму на овој датум даруваа крв, но и мотивација за повеќекратните дарители да продолжат со хуманиот чин. Традицијата за одржување на крводарителски акции во спомен на Тоше Проески започна во 2010 година и истите се реализираат во негова чест. До сега, на овие 15 акции, својата хуманост преку чинот на дарување крв ја покажале над 4 500 крводарители.