Утре пред Владата свечено ќе биде подигнато знамето на НАТО

ИЗВОРСкопје24
|

На свечена церемонија утре ќе биде подигнато знамето на НАТО пред Владата на Република Македонија, која наскоро ќе го носи името Република Северна Македонија.

На свеченоста по овој повод, како што е најавено од владината прес-служба, ќе се обрати претседателот на Владата, Зоран Заев.

Од зградата на Владата веќе е отстранет натписот Влада на Република Македонија. Се очекува наскоро да биде поставен новиот натпис Влада на Република Северна Македонија.

„24 Инфо“ објави фотографија од таблата со новото уставно име, која според Преспанскиот договор треба да биде замена за старата на граничниот премин Богородица на македонско-грчката граница.

Промената на името прво ќе почне на граничните премини, а потоа и на институциите меѓу кои први ќе бидат Владата, Собранието и министерствата. Изгласувањето на приемниот Протокол за влез на Македонија во НАТО во грчкиот парламент во петокот беше знак дека треба да се започне со промената на официјалните називи.

Според 24 Инфо, таблата веќе е на граничниот премин Богородица, но се уште не е поставена. Тоа најверојатно ќе се случи утре.