Висар Вишка утре ќе го отвори 11 издание на ИТФ „Лица без маски“

loading...

Во име на театарските работници и почитувачи на фестивалот, утре вечер во ДОМ НА АРМ, пред почетокот на првата од седумтте претстави на ИТФ „ЛИЦА БЕЗ МАСКИ“, фестивалот ќе го отвори актерот Висар Вишка.

Со претставата за најстарата нација на светот „ЈАМИ ДИСТРИКТ“, на 12 април во ДОМ НА АРМ со почеток од 20 часот, ќе биде отворено 11-то издание на Интернационалниот театарски фестивал „ЛИЦА БЕЗ МАСКИ“, посветен на независната професионална театарска продукција.

Под мотото „НАЈДИ НАЧИН“, во периодот од 12-16 април, ќе бидат изведени вкупно седум претстави и тоа три од домашната независна продукција и четири претстави од госувачките театри од Србија, Грција, Косово и Шпанија.

-За прв пат на фестивалот „ЛИЦА БЕЗ МАСКИ“ ќе имаме уникатна можност да уживаме во т.н. „СЕНЗОРНА“ претстава. Станува збор за проектот „АРКТИК“ на шпанскиот театар „ПОНТЕН ПИЕ“, кои во периодот од 13 до 15 април, по три пати дневно ќе ја изведат оваа несекојдневна претстава. Како фестивал што се обидува да промовира нови естетики, нови методи во современиот истражувачки театар, годинава сме среќни што имаме навистина квалитетни продукции кои ги нудат таквите начела кои се приоритет на фестивалот, вели Миодраг Костиќ директор на ИТФ „ЛИЦА БЕЗ МАСКИ“.

Во официјалната програма се и политички ангажираните претстави „55 НИЈАНСИ ГЕЈ“, во режија на Блерта Незирај, а во изведба на „ЌЕНДРА МУЛТИМЕДИЈА“ од Косово, кои ќе настапат на 14 април, на малата сцена во МНТ, „ДРИМВИЛ“ на театарот „92. АРТСКУЛ“ од Атина, кои ќе гостуваат на малата сцена на МОБ на 15 април, а на репертоарот се и претставите од македонската независна продуцкија и тоа: „ТРИ ПРАВИ, ТРИ ОПАЧНИ“, на „Интимен театар“ од Битола, кои ќе настапат на 13 април, во 22 часот на „МАЛАТА СЦЕНА“ во Универзална сала, „УЖЕГНАТОСТ“ во режија на Владимир Милчин, кои ќе настапат на 16 април, во ДТЦ-Чаршија, од 20 часот и независниот проект на Саша Евтимова „ЛА ЛА ЛА“, истиот ден на малата сцена на МОБ, со почеток од 22 часот.

За трите фестивалски награди: ГРАНД ПРИ, Награда за најдобра режија и Награда за најдобро актерско остварување, ќе одлучува три члено жири во состав: Дарја Ризова (актерка), Нина Николиќ (театарски режисер) и Драгана Лукан Николоски (драматург).