Владата донесе одлука – учебната година ќе трае подолго

ИЗВОРСкопје24
|

Оваа учебна година ќе трае до 31 август 2021 година, донесе одлука Владата. Одлуката е објавена во Службен весник на 27 септември.

„Учебната 2020/2021 година во основните училишта започнува на 1 октомври, а завршува на 31 август 2021 година“, пишува во Одлуката на Владата за увтрдување на започнувањето и завршувањето на учебната 2020/2021 година во основните училишта во услови на вонсредни околности.

Училишната година денеска треба да ја почнат 270 000 средношколци и основци, меѓу кои 19 илјади се првачиња – еден дел ќе бидат во клупите, а поголеми дел ќе учат онлајн од дома. Учениците до трето одделение, освен оние чии родители не се согласиле, наставата ќе ја следат со физичко присуство.

Ресорната министерка Мила Царовска очекува дека најголем дел од учениците и наставниците денеска без проблеми ќе може да се приклучат на делот „Мајкрософт тимс“ каде што се креирани часови по одделенија и дека наставата ќе почне со двонасочна комуникација. Оваа апликација на „Мајкрософт“ поактивно ќе се користи додека се надминат слабостите со платформата која во моменти на напад, како што рече Царовска, не може да отвори одредени функционалности, кога во исто време се приклучени голем број наставници и ученици.

– Важно е образовниот процес да стартува, а ресурсите со кои располагаме се тие. Ние за три недели направивме децениски скок во дигитализација на образованието во државата. Она што го имаме, со тоа располагаме, ова е огромна лекција зошто треба да се инвестира тековно и неодложно во образованието, рече Царовска по реакциите во јавноста за проблемот со функционирањето на платформата и сомнежите дали проектот ќе биде успешен.

Платформата има околу 270 000 корисници и досега се најавиле околу 160 000. Професорот Боро Јакимовски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) вчера изјави дека го прифатиле предизвикот да воспостават платформа за многу краток период.