Во 21 век: Девојчињата од руралните средини во Македонија кога имаат менструација не одат на училиште

loading...

Во периодот на месечен циклус, дури 90 отсто од ученичките во руралните средини не одат на училиште 4 до 5 дена во месецот. Вкупно 75 отсто од ученичките во урбаните средини пак изостануваат 2 до 3 дена месечно бидејќи имаат менструација, покажа истражувањето на здружението „Новинари за човекови права“. Алармантно е и тоа што 15 отсто од испитаниците одговориле дека не користат никакви хигиенски средства за време на месечниот циклус.

– На прашањето какви средства се користат во Македонија, 80 отсто ги користат стандардните хигиенски влошки, само 5 отсто одговорија дека користат тампони, 15 отсто од анкетираните одговориле дека не користат никакви хигиенски средства. Главно станува збор за девојчиња, бидејќи велат дека најчесто мајките одат на работа и треба да донесат пари и за нив (менструални влошки) мора да има. Ама девојчињата можат да седат дома и да не одат на училиште. Се снаоѓаат со самонаправени текстилни влошки, хартија, и што е уште пострашно, весници. Имавме примери каде бабата вели – користи весник, немаме друго – појаснува Наташа Доковска Спировска, од „Новинари за човекови права“.

Истражувањето направено во април и мај годинава, покажало дека само во едно приватно училиште во Општина Велес, има услови, за управување со менструалната хигиена. Во ниту едно училиште, пак, нема основни производи за одржување на хигиената за време на месечниот циклус, како сапун, тоалетна хартија и посебна корпа за менструални влошки или тампони.

Според Доковска Спировска, ваквите резултите на истражувањето се одраз на скапите средства за менструална хигиена, но и на несоодветните услови.

– Кога велиме несоодветни услови за управување со менструалната хигиена, тоа е и кога вратите на тоалетите не се затвораат, а девојчињата се срамат да влезат, кога се губи достоинството и самодовербата на жената – забележува таа.

Истражувањето покажало и дека менструацијата се уште е табу тема, а за неа не се разговара ниту во рамки на семејството.

– Имавме истражување што го работевме со учениците, од 100 ученици од 12 основни училишта со мешан етнички состав, на прашањето дали разговараат на оваа тема – 6% од девојчињата и 1% од момчињата кои имаат сестри одговориле позитивно. Но, на прашањето, од кого првпат слушнале за месечниот циклус, 80% од 100 анкетирани девојчиња одговориле дека слушнале од постарата сестра или од другарка, не од мајката, не од родителот, што е навистина поразително и говори дека тука треба да направиме нешто за да се промени оваа состојба – вели Доковска Спировска.

Во предлозите за справување со ваквите состојби, од „Новинари за човекови права“ посочуваат дека е неопходна едукација и подобрување на условите со тоалетите во училиштата. Бараат и намалување на данокот од 18 на 5 отсто на средствата за менструална хигиена. Како решение, забележуваат, може да биде и свртувањето кон еко-производите за менструална хигиена, како менструалните чашки, но и повеќекратните текстилни влошки кои засега ги нема на македонскиот пазар.

Дури 70 отсто од испитаниците, не биле свесни за загадувањето што го предизвикува отпадот од средствата за менструална хигиена, иако во земјава месечно се фрлаат околу 6 милиони влошки и тампони.