Во Грција се отвораат продавниците, а забраната за движење и полицискиот час се задржува

ИЗВОРСкопје24
|

Mинистерот за развој и инвестиции Адонис Георгиадис соопшти oлабавување на мерките во Грција, со отворање на сите продавници и моловите, козметичките и фризерските салони, берберниците, центрите за техничка контрола на возила, но под строги услови.

Иако се најавуваше дека ќе биде воведена специјална услуга за посета на продавниците по претходно закажан термин, сепак, такво нешто не беше одлучено, но постојат специјални правила под кои од понеделник започнуваат економските активности во Грција.

Поради забраната за движење, граѓаните ќе имаат на располагање два часа за шопинг и само по претходно испратена смс порака, која ќе треба да ја чуваат во случај на контрола.

За продавниците до 100 метри квадратни дозволени се до четири лица, а за оние над 100 метри квадратни, по едно лице на секои 25 метри квадратни, наместо на 15 како што беше пред карантинот.

Еден посетител на 25 метри квадратни ќе важи и за трговските центри и моловите. Берберниците, фризерските и козметичките салони ќе работата само со претходно закажан термин. Одлуката на грчката Влада доаѓа по зеленото светло од надлежната Комисија на епидемиолози, откако претходно на состанок беа разгледани податоци во земјата.

Рестораните, таверните, кафулињата, баровите, фитнес центрите, како и средните училишта и универзитетите и понатаму се затворени.