Во сабота кон недела ги поместуваме стрелките на часовникот за еден час понапред

ИЗВОРСкопје24
|

В сабота кон недела на полноќ (27 кон 28 октомври) ќе почне зимското сметање на времето, кога стрелките на часовниците ќе ги поместиме за еден час наназад.

Преминувањето на летно и зимско сметање на времето првпат е забележано во 1916 година, во земјите на северот на Европа, а досега е воведено во околу 70 земји, за да се заштеди енергијата со тоа што периодот на дневната светлина од раните утрински часови ќе се „премести“ навечер.

Часовниците ќе ги поместуваме уште четири или пет пати

Македонците, заедно со жителите од цела Европа, уште неколкупати ќе ги свртат стрелките на часовниците заради промена од летно во зимско сметање на времето и обратно. Последен пат тоа ќе се случи во 2021 година, кога летното и зимското време ќе заминат во историјата, затоа што Европскиот парламент во март 2019 година донесе одлука за прекинување на сезонските промени на времето. Државите ќе мора да одлучат во кое време ќе останат трајно.

Граѓаните наскоро, на 27 октомври, ќе мора да ги вратат часовниците за еден час наназад, со што ќе започне зимското сметање на времето, што ќе резултира со порано разденување и порано стемнување. Зимското време е всушност природното време, а сезонското сметање е воведено со цел во лето денот да почне подоцна и подоцна да се стемнува, затоа што инаку би се разденувало многу рано, пред 5 часот наутро кога луѓето спијат, а би се стемнувало порано, што не им одговара на луѓето во лето.

Од Владата велат дека одлуката дали Македонија ќе остане трајно во летното или во зимското време, ќе биде базирана на детални анализи.

– Статусот на предлог-одлуката за прекинување на сезонските промени на времето е во фаза на одобрување од Советот на министри, по нејзиното потврдување од Европскиот парламент лани во март. Според неа, земјите-членки би можеле да изберат дали да останат на летното сметање на времето и во тој случај последната промена на сметањето на времето би била во последната недела од март 2021 година или да останат на зимското сметање и во тој случај последната промена на сметањето на времето би била во последната недела од октомври 2021 година – велат од Владата.

Во однос на националната определба околу сметањето на времето, од Владата објаснуваат дека националното законодавство на РС Македонија ќе се усогласи со легислативата на ЕУ и ќе се определи на кој начин ќе се транспонира директивата за прекинување на сезонското сметање на времето.

– Тоа треба да биде поткрепено со детална анализа и информација во која ќе бидат опфатени сите фактори, социјални, економски итн. која треба да се усвои од Владата. Бирото за метрологија ги следи случувањата во однос на процесот на усвојување на директивата и им стои на располагање на надлежните институции за нејзиното исполнување – велат од Владата.

Оттаму додаваат дека претстојната промена од летно кон зимско сметање на времето, ќе биде применета на начин и постапки во согласност со важечката регулатива за законското сметање на времето.

Според познавачите, за Македонија би било најдобро да остане во истата часовна зона во која е сега, средноевропската, и да го задржи како трајно летното сметање на времето. Територијата на земјата во најголем дел припаѓа на средноевропската зона, која е на еден час после Гринич, а со трајното летно сметање би добиле повеќе дневна светлина попладне, што одговара на денешниот ритам на животот кога луѓето имаат голем број попладневни активности.

При носењето на одлуката за прекин на сезонското време, во Европа беа земени предвид низа аргументи за неговото штетно влијание врз луѓето. Според истражувањата, 20 отсто од населението има здравствени проблеми поради промената на часот, а промената на стрелките влијае и врз сообраќајната безбедност како и врз продуктивноста на работното место.