Вториот човек кој стапнал на Месечината, Баз Олдрин, се оженил по четврти пат на својот 93-ти роденден (ФОТО)

|

Вториот човек кој стапнал на Месечината Баз Олдрин се оженил по четврти пат на својот 93-ти роденден. Избраничката на срцето на Олдрин е Ана Фаур, 30 години помлада.

Информациите за венчавката ги објавил на својот Твитер профил, а со 63-годишната Фаур се забавувал долги години.

„На мојот 93-ти роденден и на денот кога бев почестен како жива легенда на воздухопловството, со задоволство можам да објавам дека мојата долгогодишна љубов, д-р Анка Фаур, и јас се венчавме. Бевме обединети во светиот брак во мала, приватна церемонија во Лос Анџелес и бевме возбудени како избегани тинејџери“, напишал Олдрин на Твитер.

Фаур моментално работи како извршен потпретседател на Buzz Aldrin Ventures LLC, а на нејзината страница на LinkedIn наведува дека за компанијата работи од 2019 година. Докторирала по хемиски инженеринг на Универзитетот во Питсбург.

Досега Олдрин беше женет и разведен три пати, тој беше во брак со Џоан Ен Арчер од 1954 до 1974 година, со Беверли Ван Зиле од 1975 до 1978 година и со Лоис Дригс Канон од 1988 до 2012 година.

Вториот човек кој ја допре површината на Месечината има три деца – Џејмс, Џенис и Ендру со неговата прва сопруга. Тој има еден внук, Џефри Шус, од неговата ќерка Џенис, три правнуци и една правнука.
На 16 јули 1969 година, Олдрин, Нил Армстронг и Мајкл Колинс полетаа од Земјата во вселената во мисија како ниедна друга, со цел за прв пат да го спуштат човештвото на Месечината.
Тој се пензионираше од НАСА во 1971 година, а во 1998 година ја основаше фондацијата ShareSpace, непрофитна организација за промовирање на проширувањето на истражувањето на вселената со екипаж.

Откако влезе во историските книги, Олдрин рече дека се борел низ мрачно време во кое не знаел што да прави со својот живот. Се борел со депресија и алкохолизам, но сега е „чист“ повеќе од 40 години.