WWF и Евросонг заеднички ќе собираат милион гласови за спас на планетата Земја

ИЗВОРСкопје24
|

Светската организација за заштита на природата- WWF и Евросонг – изборот за најдобра песна во Европа ги здружија силите за да соберат милион гласови за планетата, но и за сите луѓе кои зависат од зачуваната природа, објави денеска WWF.

WWF и Евросонг работат заедно за да ги охрабрат луѓето да го дадат својот глас на платформата на WWF voicefortheplanet.eu за заштита и обновување на планетата Земја.

Светски познатиот диџеј Армин ван Бурен, исто така амбасадор на WWF, ќе го наслика зелениот мост „Еразмо“ во Ротердам, со порака до сите изведувачи, но и до многу евровизиски фанови, дека само со заедничко работење за зачувана природа може да се постигне потребната промена.

Овој специјален, зелен настан ќе се емитува во „виртуелното село“ на Евровизија, а учесниците веќе ја потпишаа петицијата на WWF # глас на планетата.

Армин ван Бурен ќе ја искористи социјалната мрежа ТикТок преку предизвикот #voicefortheplanet да покани милиони гледачи да пеат, танцуваат или снимаат дует со неговата песна „Милиони гласови“. Во овој предизвик на Армин ќе му се придружат сите изведувачи од овој натпревар за песна на Евровизија, додека поканата за потпишување на петицијата ќе се повтори неколку пати за време на преносот во живо на сите три евровизиски вечери, се вели во соопштението на WWF.

„Натпреварот за песна на Евровизија го користи звукот на човечкиот глас за да го обедини светот и знаеме дека милиони обожаватели кои го гледаат нашиот пренос ќе сакаат да го кренат својот глас за поддршка на одржливата иднина“, објасни Мартин Остердал, извршен супервизор на Евросонг.

Собраните гласови ќе им бидат презентирани на светските лидери на разни клучни политички настани подоцна оваа година, за да се побара од нив да донесат правилни одлуки за иднината на планетата.