За уште 200 дена по престанокот на вонредната ќе се применуваат мерките за заштита во трговските објекти

ИЗВОРСкопје24
|

Владата на оваа седница ги донесе измените на Уредбата со законска сила за примена на Законот за трговија за време на вонредна состојба согласно која за уште 200 дена од престанокот на траењето на вонредната состојба се применуваат мерките за обезбедување на редарска служба при влезот и во внатрешноста на трговските објекти, дезинфекција за раце при влез во објектот, поставување на соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на лицата пред и во објектот, како и истовремено пазарување најмногу по едно лице на површина од секои 20 метри квадратни, додека со површина помала од 20 метри квадратни може да пазарува само едно лице, како и обезбедување на заштитна опрема (маски и ракавици) од страна на трговецот за вработените во објектот, кои се должни да ја носат за времетраење на работното време, соопштуваат од Владата.

На оваа седница беше изменета и дополнета и Одлуката за спроведување на задолжителен државен карантин на државјаните на Република Македонија вратени од странство со хуманитарни летови или конвои и со новите промени доколку лицата кои влегуваат на територијата на Република Македонија приложат ПЦР тест направен во последните 72 часа пред да влезат на територијата на Република Македонија, наместо во задолжителен државен карантин, се упатуваат во задолжителна домашна самоизолација.

Наместо задолжителен државен карантин, задолжителна домашна изолација се определува и за странци за кои Главниот координативен кризен штаб одлучува во случаи на постоење на државен или економски интерес, и кои ќе приложат соодветна медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, со задолжително придржување до протоколите од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.