Жан Митрев: Се покажа дека имаме капацитети и можности

ИЗВОРСкопје24
|

По првата трансплантација на срце од донор, докторот Жан Митрев се заблагодари на министерот Филипче за тоа што ги сплотил сите лекари заедно и успеале во операцијата.

– Од минатата година за првпат во Македонија се дозволи вградување на вештачки срца, што беше првиот исчекор кон ова. Се покажа дека ги имаме сите капацитети и можности. Сакам да се заблагодарам на министерот Филипче, кој не организира и сплоти со една цел да ги лекуваме пациентите – изјави Митрев.

Министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека денеска испишале историја, бидејќи за првпат во нашата земја беше направена трансплантација на срце од дарител.

-Трансплантацијата немаше да биде можна без еден друг чин на човекољубие на алтруизам поради тоа што семејството Диневи пред неколку дена ја загубија својата сакана мајка и сопруга, се согласија да ги донираат срцето и бубрезите, рече Филипче.

Сепак, додаде тој, борбата е на почетокот.

-Заврши еден од најтешките делови, се надеваме дека во процесот којшто следи организмот нема да го отфрли срцето и исто така и двата бубрези кај другите двајца реципиенти кои сега ќе живеат многу поквалитетен живот и нема да одат на дијализа, рече Филипче.