Златна Бубамара на популарноста 2023: Награди, смеа, песна и патриотизам – Политичарите и овојпат најголема мета на потсмев

|

Вчеравечер, во салата Борис Трајковски, со почеток од 20 часот се одржа најновото 26-то издание на нашата најдолготрајна манифестација “Златна Бубамара на популарноста”.

Како и секоја година посетителите речиси четири часа уживаа во многу музика и малку стенд ап, а ги видоа и најуспешните лица за изминатата 2022 година кои дома си замнаа со безброј награди.

Иако беше најавено дека овој пат манифестацијата ќе биде скратена и ќе трае 3 часа, сепак во момент на возбуда и радост, наградените со своите говори, сепак ја оддолжија манифестацијата па таа заврши околу полноќ.

На жалење на публиката, на сцената за првпат по 17 години не се појави Сашко Коцев, но затоа неговите “заменски водители”, Атанас и Тино, завршија одлична работа и ги насмеаја посетителите до солзи.

На тапет на нивните шеги, како и секоја година, секако беа политичарите, но сепак “најголемиот крај” го извлече министерката за култура.

Поплавениот МНТ и водниот свет кој живее таму беше главна тема, додека дотераната министерка бара да се фотографира со Сашко Коцев кој плива грбно како ајкула во малата сала на театарот, до солзи ги насмеа посетителите.

Програмата за култура отиде низ вода и заврши во Тетово и Гостивар, а поранешната министерка Елизабета ја теши зошто и таа не била подобра, па многу програми и протекле низ вода… Ламбе спрема албум кој ќе гори, откако имаше камбек на македонската сцена, заедно со Врчак, а можеби и поранешниот премиер Никола Груевски… се само дел од шегите на Атанас и Тино кои со громогласен аплауз беа поздравени од публиката.

Вчерашното издание на манифестацијата повеќе беше свртено кон народната музика, па беа поделени повеќе награди за животно дело во таа област од музиката.

Легендите Ефто Пупиновски и Блага Петревска добија награди за животно дело и заедно запеаја на сцената при што го добија и најголемиот аплауз за време на целата вечер. Исто така награда за животно дело зема и српскиот пејач Мирослав Илиќ, како и авторите Миле и Ѓорѓи Барбаровски кои имаат напишано безброј фолк хитови, додека постхумна награда за животно дело доби и хармоникашот Милан Завков, кој за жал, починал само 5 дена откако му била соопштена информацијата дека е добитник на наградата, а истата вчера од сцената ја подигна неговиот брат.

Јаков Дренков беше единствениот добитник на награда за животно дело од забавната музика, додека големиот хрватски пејач Џибони, доби награда за трајни музички вредности во рок музиката и настапи на сцента заедно со нашата гитарска легенда Влатко Стефановски.

Во областа на филмот и театарот наградите ги однесоа: Наташа Петровиќ – за најдобра филмска актерка, Александар Микиќ – за најдобар актер, Сашка Димитровска – за најпопуларна актерка, додека за театарска претстава на годината беше избрана претставата Илуминати од Театар Комедија, за која, како што изјавија наградените, од Министерството за култура не бил одвоен ниту еден денар.

Писателот Венко Андоновски ја однесе наградата за писател на годината за најнова книга – Папокот на светлината и раскажа многу поучна маркетинг приказна од своите рани почетоци кога самиот купил 100 примероци од сопствената книга и станал најпродаванкот писател за месецот, при што сите граѓани дознале за делото и веднаш бил продаден целиот тираж.

Игор Џамбазов во свој стил со песна посветена за фудбалската легенда Горан Пандев, ја најави неговата награда, а заедно со пејачкатa Андријана Јаневска допреа до македонската срж, кога преку емотивната изведба не потсетија на изгубените животи на децата од Ваташа и суровоста на фашистичиот окупатор.

Наградата за албум на годината ја добија браќата од групата Некст тајм за нивниот албум Мајка, додека групата ДНК, за група на годината, а групата Меморија за концерт на годината. Никола Мицевски ја однесе наградата за композитор на годината, Џамбо Агушев и неговиот оркестар и оваа година ја земаа наградата за прва труба на Македонија, додека наградата на најдобра балетска претстава ја доби претставата – Госпоѓиците од Авињон на НОБ.

Како и секоја Бубамара, така и оваа не беше заборавена и помладата публика, па така за најдобра тин серија, награда зема серијата Тин камп, за најдобар тинејџ хит, награда зема Лара Трпчевска, која оваа година не претставуваше на натпреварот за детска песна на Евровизија и воедно е ќерка на легендата Симон Трпчевски. Нејзината имењачка Лара Ивановска пак, со настап на сцената ја зема и својата награда за најперспективна пејачка.

(Наталија Јосифоска)
Фото: Радио Бубамара/Стефан Рајхл